Како да го измерите влијанието на Односите со јавност?
- Zafir Stojchevski
- Jun 16, 2021
- 3 min read
Updated: Jun 17, 2021
Секако ова е едно од најчестите прашања кои ги поставуваат компаниите и менаџментот на компаниите, без разлика дали се работи за оцена на агенција која ги води односите со јавност или се работи за оцена на тимот кој работи внатре во компанијата.
Навистина, предностите од користење на ПР е потешко да се измерат отколку кај другите маркетинг активности како на пример рекламирањето, или социјалните медиуми, но тоа не значи дека компаниите треба да ги одбегнуваат односите со јавност и да инвестираат исклучиво во маркетинг и дигитални стратегии за рекламирање.
Постојат повеќе анализи/ критериуми кои може да го оценат работењето на агенцијата, секторот или лицето одговорно за Односите со јавност, мерки кои може да ја квантифицираат вообичаено субјективната оцена за ПР.

Медиумска анализа врз основа на прес клипинг
Следењето на објавите во медиуми за вашата компанија е одличен начин да се измери влијанието на ПР. Подготовката на квартален извештај врз основа на Прес клипинг е добра за да се врши прилагодување на содржините и да се види интересот на медиумите за вашиот продукт или компанија. Најчесто во вакви случаи не е доволна само квантитативната анализа, туку неопходно е да се направи и квалитативна анализа – да се поделат написите дали се позитивни, неутрални или негативни и истото да се спореди со конкуренција. При тоа, поставувањето на оцената може да биде релативно, како на пример – поголем број на позитивни написи во однос на конкуренција, зголемен број на позитивни написи во однос на претходната година/ квартал, зголемување на односот на написи за продукти и активности за општествена одговорност наспроти написи за општото работење на компанијата и слично. Прифатена пракса во светот е доколку се работи за монетарно оценување на работењето на ПР – да се множи со 7 просторот даден во ПР цели на ТВ, печатени весници, интернет портали со цената на истиот простор доколку се користи за рекламирање – на овој начин можете точно да го пресметате повратот на инвестицијата во ПР. Исто така, за успешен ПР се смета ПР доколку уделот на позитивни написи во однос на конкуренција е еднаков или поголем од реалниот пазарен удел на вашиот продукт или компанија.
Мерење на медиумски импресии
Ова е уште еден начин за квантифицирање на работењето на ПР, имено се множат објавите со импресиите на медиумот на кој е објавена веста со цел да се одберат, да се насочат вестите кон поатрактивни медиуми. Овој начин на мерење во Македонија не е многу сигурен заради недостаток на сериозни рејтинзи или заради нерелевантноста на некои најгледани емисии, најпосетувани портали. Посигурна квантификација со импресии може да се направи од он-лајн медиумите или со следење на посетеноста на веб страницата, со зголемениот број на споменувања или споделувања на социјалните медиуми. Во овој случај треба да се следи периодот на објава, дистрибуција на ПР содржина со посетеноста на веб страницата или споменувањата на социјалните медиуми.
Истражување на пазарот - истражување за свесноста за продуктот
Ова е вистинскиот начин за оцена на работењето на ПР иако можеби е најскап од сите: правите истражување пред почетокот на ПР кампањата за тоа дали луѓето слушнале за вашиот продукт или услуга и по завршувањето на кампањата. Зголеменото ниво на свесност за вашиот продукт или компанија значи дека ПР-от си ја завршил својата работа. Доколку имате интегрирани комуникации и рекламни и ПР кампањи во исто време во овие истражувања вклучете прашање и за изворот на информација на вашите испитаници, односно од каде дознале за вашиот продукт или компанија. Иако е сосема валидно ова мерење, ова најчесто е и најскапата алатка за мерење на влијанието на ПР, па компаниите во Македонија го користат или во комбинација со други истражувања или се откажуваат од вакво следење и оцена.
Исполнување на задачи
Овој начин на мерење на успехот на ПР може да биде ограничувачки, но сепак е ефикасен и лесен за следење. Се работи за поставување на цели за ПР на годишно или квартално ниво, на пример – број на написи во една година, број на соопштенија, интервјуа, време за постапување по барање на медиуми и слично, почитување на рокови за изработка на ПР материјали, навремено справување или превенирање на кризи и слично. Внимавајте да поставите реалистични цели кои ќе носат напредок, но ќе може да се исполнат и дадете ја целосната поддршка на луѓето задолжени за односи со јавност.
Без разлика кој начин ќе го одберете за следење на ефикасноста на Односите со јавност, сигурни сме дека вредноста ќе ја видите и дека повеќе нема да го поставувате прашањето Зошто ми треба ПР?
И дополнително треба да знаете дека односите со јавност се стратешка работа – потребно е на долг рок да се работи и делува за да ги убедите вашите клиенти или коминтенти дека вашиот продукт и вашата компанија се вистинските. Брзите акции и маркетингот можеби носат побрзи продажни резултати, но односите со јавност го градат вашиот имиџ и ги поддржуваат вредностите на вашиот бренд, продукт или компанија на долг рок.
НАПОМЕНА: Оваа содржина е авторска и не смее да се користи без дозвола на авторот или без цитирање на изворот.
Commentaires